НЛП
НЛП (NLP) како техника е развиена на почетокот на седумдесеттите години на минатиот век од страна на д-р Ричард Бендлер (Richard Bandler) и д-р Џон Гриндер (John G rinder) преку моделирање на внатрешните стратегии и комуникациски обрасци на: Фриц Перлс (Fritz Perls), психотерапевт и основач на гешталт школата за терапија, Вирџинија Сатир (Virginia Satir), прочуен семеен терапевт, и Милтон Ериксон (Milton Erickson), светски познат хипнотерапевт. Тие забележале дека сите овие успешни терапевти имале многу необични начини на интеракција со другите луѓе. Првиот чекор бил да се откријат нивните обрасци на комуникација, ставови и размислување, а потоа размислувале за можноста да се добијат слични резултати кај други луѓе преку копирање на овој стил на интеракција.
Невро-линвистичкото програмирање - НЛП (Neuro Linguistic Programming) е комуникациски модел кој се базира на субјективното проучување на јазикот, комуникацијата, личниот раст и развој. Тоа претставува систем на ставови, вештини и техники кои формираат метод на разбирање на начинот на којшто размислуваме, комуницираме и ги процесираме емоциите.
НЛП има цел да нè научи да го разбереме нашиот внатрешен живот, нашите внатрешни стратегии и механизми, претстави, мотивации, нагони, емоции, ограничувачки фактори, примањето и обработката на информации и нивното влијание врз нашето однесување и врз другите луѓе. НЛП одговара на прашањето: „Како функционираат работите?“.
НЛП ги отвора вратите кон достигнувањето на извонредноста и ја обликува со дефинирање на внатрешни стратегии, комуникациски обрасци, ставови и конкретни начини на размислување и ја отвора можноста и други луѓе да го направат истото лесно и без напор.
„Невро“ се однесува на мозокот и на нервниот систем, како се примаат и обработуваат информациите. Ние го восприемаме светот околу нас преку нашите сетила. Се служиме со нашите очи за да гледаме (сетило за вид), а исто така го восприемаме светот преку слушање (сетило за слух), вкусување (сетило за вкус), мирисање (сетило за мирис), допирање и чувствување - телесно и емотивно (кинестетски). Дразбите т.е. информациите од надворешната средина кои ги примаме преку овие канали (сетила) потоа се обработуваат од страна на нервниот систем. На тој начин сами ја создаваме нашата сопствена „мапа на светот“ т.е. сопствената перцепција на реалноста.
„Лингвистичко“ се однесува на јазикот кој го користиме за да ги опишеме нашите искуства или нашата реалност во минатото, во сегашноста или во иднината. Тоа е составено од зборовите кои ги користиме за да ги објасниме информициите кои ги примаме преку сетилата. НЛП се занимава со влијанието на тие зборови врз нашиот внатрешен процес на мислење - како тие одредуваат какво ќе биде нашето расположение и однесување.
„Програмирање“ се однесува на психичките процеси, на чувствата, на личните навики, на моделите на однесување, на внатрешните стратегии итн. Накратко, се однесува на прашањето како функционираме, како се однесуваме во текот на еден ден, дали точно ги следиме чекорите на работа додека извршуваме некоја задача или навика, дали се придржуваме кон вообичаениот ред на нештата (рутината) или не, и како се чувствуваме.
Според НЛП, успехот и добрите резултати имаат сопствена внатрешна структура. Тие се базираат врз неколку основни принципи, со кои се обезбедува ефикасноста на НЛП во однос на флексибилноста на поединецот, непристрасен пристап без критикување и позиција на прифаќање, слобода и насоченост кон целта. Една од основните цели на НЛП е да му се даде поголем избор на поединецот и тој избор да му стане јасно видлив, што директно влијае на неговата способност да го земе својот живот во сопствени раце.
Ефикасната комуникација и успешниот пристап насочен кон наоѓање решенија се двете главни причини поради кои НЛП-коучингот се цени во сите различни полиња каде што се применува