Медитација

  Неколку дефиниции на медитацијата:

  „Медитација е систематски начин на стишување на умот за да можеме да допреме до нашето вистинско јас, кое е извор на вечна среќа, блаженство и мир.“

  „Медитација е состојба во која не постои ум.“

  „Медитацијата е состојба на постоење откако сме го откриле нашето вистинско јас“

  „Медитација е состојбата на свесност што настапува кога умот престанува да постои.“

  „Секогаш кога сме опуштени, кога нашиот ум е тивок и внимателно набљудува, кога не сме внатрешно посветени на какви и да било мисли - тогаш медитираме.“

  „Медитација значи да не се мисли на ништо. Тоа не е контемплација. Тоа не е концентрирање на нешто. Всушност, тоа е процес на отстранување на сите мисли.“

  Медитацијата е всушност процес на откривање на самите себеси.

  На прашањето „Кој си ти?“ сите одговараме со некаков опис или атрибути за самите себе, а кои целосно зависат од надворешните околности. Сите овие нешта се идентитети или улоги кои сами ги создаваме и ги живееме во текот на животот: мајка, татко, инженер, менаџер, живее во Шведска, изгледа вака или онака, и така натаму.

   Меѓутоа, постои еден дел од нас кој останува непроменет и недопрен од надворешниот свет и го претставува јадрото на нашето постоње.

    Медитацијата е начин да се спознае тој дел - нашиот вистински идентитет.

    Во стварноста, сите ние сме само свест. Ние не сме нашето тело, не сме нашите емоции, не сме нашиот ум, не сме нашите мисли; ние сме душа. Ние сме само свест која чувствува и гледа сè што се случува додека ја играма својата улога во животот.

  Оваа свест по својата природа е мирна, спокојна и нè подмладува.

Медитацијата е процес на осознавање на оваа свест која постои во нас.

  Со цел да се разбере медитацијата, многу е важно да ја запознаеме оваа „свест“. Во духовниот јазик, оваа свест постои под името „сопство“(self). На пример, ако го следиме текот на нашите мисли, би требало да бидеме различни од нашето тело и од нашиот ум. Ако ја кренеме раката, чија е оваа рака? Дали ние сме нашата рака, или ние сме нешто друго што има рака?

  Една работа е сигурна. Постои некој во нас кој внимателно го набљудува процесот на мислењето или кревањето на раката и знае како тоа се прави. Овој внатрешен познавач е сопството. Тоа што прави да бидеме свесни за постоењето на секоја мисла или ментална слика и точно знае што претставуваат тие, е токму тоа сопство, сведокот. На внатрешно и на надворешно ниво, без оглед на тоа што се случува, без оглед на тоа што ние го правиме, сопството гледа сè.

  Вистинската медитација е спознавање на сопството.

   Сопството е чистата свест на „јас сум“, првобитната свест за „јас“ која што е во нас од моментот кога ќе се родиме. Тоа „јас“ е без облик, боја или какво и да било друго својство и не се однесува на ниеден аспект од секојдневниот живот на човекот. Кога ќе ги тргнеме сите тие работи на страна, тоа „јас“ е само чиста свест.

  Кога медитираме доаѓаме во контакт со нашето вистинско јас т.е. со нашиот вистински идентитет. Преку редовно медитирање полека почнуваме да го откриваме ова „јас“ во сите свои различни облици, и почнуваме да се гледаме себеси како нешто одделно од нашето тело и нашиот ум.

  Самоостварувањето преку медитација драматично ја менува нашата перцепција на светот околу нас. Тоа што сме во центарот на нашето „јас“ ни носи спокој, мир и необјаснива радост. Освен тоа, нашата перспектива се менува на подобро и чувствуваме исклучителна среќа, безрезервна љубов и сочувствување со сè што постои. Но, тоа што е најважно е дека овие позитивни состојби не зависат од надворешни фактори, туку се трајни. Состојбата на самоостварување е сосема независна и безусловно се буди одвнатре.

  Во нашиот секојдневен живот постојано сме преокупирани со сетилни дразби, размислување, анализирање, чувствување, правење на секакви мисловни активности; никогаш не сме вистински смирени, често сме во брзање, под стрес, исполнети со постојано внатрешно дрдорење. Сепак, навидум случајно, некогаш ни се случува да постигнеме состојба на смирен ум, испразнет од мисли. На сите ни се случило да се опуштиме гледајќи го убавото зајдисонце, дозволувајќи им на мислите да се стишаат, што е блиску до медитација. Или пак, ако при читањето на некоја книга за момент ја оставиме и само седиме мирно и тивко неколку минути без ништо да размислуваме, тоа исто така е нешто слично на медитација. Во овие кратки моменти кога нашиот ум не е рефлективен, односно не е зафатен со какви и да било мисли, кога сме само присутни во сегашниот миг, доаѓаме многу блиску до тоа „јас“ или (со други зборови) се поставуваме во центарот на нашето „јас“. А оваа поврзаност со сопството ни носи мир, среќа и радост. Иако само за еден миг, нашиот ум станува мирен, спокоен и фокусиран.

    Медитација е систематски начин на достигнување на гореспоменатите случајни или повремени средби со сопството, со цел трајно да се добијат нивните благодети.

  Медитацијата, ако се прави редовно, може да направи чуда. Еве неколку основни придобивки што можат да се добијат со редовна медитација:

·     Ние сме интелигентни суштества и го согледуваме божественото во сите суштества.

·     Фокусирање на сегашниот миг и контрола на умот и емоциите.

·     Согледување на причинско-последичните врски помеѓу мислите, ставовите, впечатоците, чувствата, телесните состојби и однесувањата.

·     Променет став кон животот, благодарност за добрите дела на другите, уживање во малите мигови на среќа.

·     Јасно согледување на пошироката перспектива наместо фокусирање на ситните секојдневни проблеми.

·     Прифаќање на сите нешта коишто не се такви какви што би сакале да бидат.

·     Разбирање на останатите луѓе.

·     Подобрена внатрешна способност за решавање на комплексни проблеми.

·     Ослободување од стресот.

·     Зголемена концентрација, самопочит, спонтаност, креативност и свесност.

И многу, многу повеќе...

  Покрај тоа, со редовна примена на длабоко дишење, длабока релаксација и физички вежби во нашиот живот, можеме да изградиме цврста основа за понатамошно здравје и изобилство на телесна и психичка енергија. Без оглед на тоа колку сме зафатени во секојдневниот живот, со помош на овие три нешта, не само што ќе можеме лесно да се справиме со животните предизвици, туку и да си обезбедиме постојан духовен развој преку редовно медитирање.

  Постојат различни видови на медитација:

·        Meditation on Twin Hearts (Медитација на срцата близнаци)

·        Meditation of the Blue Pearl (Медитација на синиот бисер)

·        'Here and now' Meditation („Сега и тука“ медитација)

·        Vipassana (Випасана)

·        Meditation of Gautama Buddha (Медитацијата на Гаутама Буда)

·        Mantra Meditation (Мантра медитација)

·        Dynamic Meditation (Динамична медитација)

·        Zen Meditation (Зен медитација)

·        Energy Meditation (Енергетска медитација)

·        Transcendental Meditation (Трансцедентална медитација) итн.

  Ве покануваме да медитирате и да го одберете стилот на медитација што најмногу ќе ви одговара. Потребно е време, но личното искуство е тоа што се важи.

Секој може да медитира...