Цвет на животот - МерКаБа (Flower of life – School of Remembering - MerKaBa)
„Цветот на животот“ ги дава учењата за меркаба - светата геометрија (оригинално претставена од страна на Друнвало Мелкизидек (Drunvalo Melchizedek)), како и за отворањето на срцето. Тоа води кон разбирање на космосот кое не е само интелектуално, преку методи на интеграција на левата хемисфера на мозокот (умот) и десната хемисфера на мозокот (срце/чувства/интуиција).
Од друга страна, овие учења ја отвораат можноста да се предизвикаат и да се инспирираат поединците за да се потсетат кои се тие всушност и да најдат храброст да навлезат во сопствената безгранична природа. Ние сме сите единствени и бесценети суштества со единствен талент кој чека да го откриеме, да го негуваме и вистински да го живеме, бидејќи така може да бидеме сведоци на нашата трајна промена на погледот на светот и на нашиот личен свет, низ божествениот објектив. Со тоа што вистински го живееме тоа чисто и вистинско јас, воедно го менуваме и светот околу нас и го претвораме во искуство со повисока цел, поголема слобода и можности.
Езотеричните учења, базирани врз светата геометрија, на левата хемисфера на мозокот ѝ покажуваат дека навистина постои само една свест, еден дух, еден Бог, и дека сите ние сме дел од тоа единство. Откако умот ќе го разбере овој концепт, на поединецот му станува многу полесно да се нурне во меркаба-медитација, да го почувствува и да го искуси ова единство на целиот живот. Одеднаш стануваме свесни за универзалната вистина и нашето срце започнува да ја остварува оваа вистина.
Вистинското искусување со сите наши сетила на сè што е живо во секој аспект на нашето живеење е исклучително важно. Тоа му дава можност на мозокот да функционира урамнотежено и во хармонија, поддржувајќи го отворањето на срцето. Ова искусување на единството на универзумот исто така ги обединува срцето и умот, што носи мир и рамнотежа во секој дел од нашето битие. Хармонијата и рамнотежата ни ги отвораат вратите кон бесконечните димензии на постоењето. Божественото единство ги отвора сите канали во нас и ѝ дозволува на праната, т.е. „божествената урамнотежена универзална животна енергија“, да навлезе во најскриените делови од нашето физичко битие. Со тоа се иницира процесот на внатрешно исцелување и подмладување кој влијае врз нашето физичко, емоционално и духовно тело.
Симболот на Цветот на животот се смета за свет во многу древни и современи култури низ целиот свет. Овој симбол може да се користи како метафора за да се прикаже поврзаноста на сиот живот и сиот дух во универзумот. Во градбата на живите организми, но и во музиката, во јазикот и во самата свест може да се препознаат различни облици на Цветот на животот бидејќи тие служат како модели преку кои може да се изрази основата на сиот живот. Откако ќе го разбереме ова, важноста на Цветот на животот ни станува очигледна како сосема интегриран израз на „Бог“ или на „Сè што постои“. Со тоа се отвора прозорец кон единството на бесконечноста и го претвора секојдневното во откровение на извонредното.
Симболот на Цветот на животот може да се најде на многу места низ светот, како на пример во храмот на Озирис во Абидос во Египет, во Масада во Израел, на Синајската Гора, но и во многу храмови во Јапонија, Кина, Индија, Шпанија, Турција и Македонија. Никој точно не знае колку е стар овој симбол.
Ако се користи со понизност, почит и отворен ум, симболот на Цветот на животот може да ви користи цел живот како огледало во кое ќе можете да го согледате вашиот безграничен потенцијал.
Што значи „меркаба“?
Зборот мер-ка-ба е составен од три помали збора: мер, ка и ба, кои доаѓаат од староегипетскиот јазик.
„Мер“ се однесува на еден специфичен вид на светлина која за првпат се спомнува во Египет за време на 18тата династија, веднаш по пренасочувањето на религиите кон обожавање на еден Бог на сè. „Мер“ било визуелизирано како две полиња на светлина кои ротираат во спротивна насока во еден ист простор. Овие полиња се создаваат кога личноста дише на специфичен начин.
„Ка“ се однесува на индивидуалната душа на секоја личност.
„Ба“ се однесува на интерпретацијата на душата на нејзината лична реалност. Во човечката реалност, „ба“ обично се означува како тело или физичка реалност. Во другите реалности каде што душите немаат тела, „ба“ се однесува на нивните концепти или интерпретации на реалноста во царството во кое тие постојат.
Што е меркаба?
Меркаба е ротирачко поле на светлина создадено од вртењето на одредени геометриски форми кои истовремено влијаат и на духот и на телото на поединецот. Меркаба е кристално енергетско поле составено од одредени свети геометрии со кои се усогласуваат умот, телото и срцето. Таа е средство кое може да им помогне на умот, на телото и на духот да допрат или да искусат други нивоа на реалност или потенцијали за живот. Преку меркаба, луѓето учат повеќе за самите себе, градат цврсти врски со своето повисоко јас и се движат кон повисоки нивоа на свесност. Меркаба е алатка која им помага на луѓето да го достигнат својот полн потенцијал.
Меркаба ни овозможува да доживееме една проширена свесност, нè поврзува со повишените потенцијали на свеста и ни овозможувам повторен пристап и сеќавање на бесконечните можности на нашето постоење. Кога правилно се прави меркаба-медитацијата, меркаба ги обединува женствените (интуиција, рецептивност) и мажествените (активност, динамичност) аспекти на нашиот ум и на нашиот дух.
Цветот на животот го отвора срцето за да ги разбуди сочувствувањето, безусловната љубов и внатрешната хармонија и да доведе до директно искуство со Божествената Љубов при активирањето на меркаба. Директното доживување на нашиот повисок потенцијал ни дава можност да отидеме подалеку од она што можеме да се научи од зборови и од книги.
Цветот на животот ни дава пример за единство во разновидноста, кон што очајнички се стремиме за да може да ја исцелиме искршената реалност што ја гледаме околу нас. Време е да му се предадеме на единството што нè опкружува. Досега ги затворавме очите и го игнориравме нашето вродено единство, но сега повторно се стекнавме со разбирање, имаме модели и алатки со кои вистински можеме да го видиме неговото постоење и да го прифатиме ова единство во нашите животи